Без разлика каков ќе биде конечниот состав на групата, македонскиот првак МЗТ Скопје знае со кого ќе игра во воведните две кола од ФИБА Европа купот.
Својот пат во ова натпреварување го почнува на 7 октомври, во Солун, против Ираклис кој последните години често играше пријателски, подготвителни натпревари со македонски клубови. Првиот меч на домашен терен МЗТ Скопје ќе го забележи една недела подоцна, на 14 октомври, против естонскиот Тарту. Овие три екипи (МЗТ, Ираклис и Тарту) до моментов се единствените сигурни во групата Е од ФИБА Европа купот.
Другите три ќе се знаат по одигрувањето на квалификациите за Лигата на шампионите бидејќи Џики Варшава, АЕК Ларнака и Вурцбург ќе учествуваат во нив и ако успеат да ги поминат, ќе остварат пласман во поквалитетното натпреварување. Токму затоа, до моментов се знаат термините и ривалите за само четири натпревари на МЗТ Скопје. Покрај гореспомнатите два, познато е дека игра уште на 11 ноември против Ираклис на домашен терен и против Тарту една недела подоцна на гости.
Групната фаза од ФИБА Европа купот ќе трае до 23 декември, а МЗТ ќе игра на домашен терен и во последното коло, но противникот дополнително ќе биде познат.


