Младата македонска репрезентација го одигра најдобриот натпревар на Европското првенство Б-дивизија откако денеска ја совлада Грузија со 97-62.
Иако се очекуваше неизвесен натпревар, нашите кошаркари приредија сензационален настап по кој уште повеќе можат да жалат за лошиот ден против Ирска и поразот поради кој место во четвртфиналето, отидоа во борбата за пласман од деветтото до 16. место. Победникот во ниеден момент не беше доведен во прашање, а Грузијците се наоѓаа во водство само 100 секунди.
Тоа се случуваше во првата четвртина во која Грузија водеше со 6-4 и потоа со 12-10, но следуваше серија од 10-0 на Македонија по која првпат резултатски се одлепи. Уште една низа од десет поени во вториот период ги однесе нашите кошаркари на +16 (36-20) и уште тогаш можеше да се предвиди дека македонската репрезентација лесно ќе дојде до победата. На крајот тоа и се оствари бидејќи во второто полувреме Македонија отиде и над 20 разлика по што финишот остана само формалност.
Убедливата предност му овозможи на селекторот Никола Велев да им даде минутажа на сите кошаркари, а никој не играше повеќе од 23 минути. Луканоски беше најефикасен со 16 поени на кои додаде шест скока, а уште четворица имаа двоцифрен ефект. За разлика од претходните натпревари, сега нашите репрезентативци шутираа дури 48% од игра, а го намалија и бројот на загубени топки на само 15.
Македонија сега оди во борба за пласман од деветтото до 12. место, следен противник ќе биде подобриот од мечот меѓу Холандија и Кипар кој се игра вечерва од 16 часот.


