Откако вчера заврши Европското младинско првенство, вниманието на македонската кошаркарска јавност се врти кон јуниорскиот шампионат кој од 24 јули до 2 август ќе се одржи во Ријека и Опатија.
Нашата У18 селекција ќе се обиде да се врати во А-дивизијата иако е јасно дека нема да биде воопшто лесно. На неколку дена пред почетокот на првенството, ФИБА потсети на некои индивидуални достигнувања во историјата на овие шампионати.
Меѓу рекордите, се уште е оној на Ненад Димитријевиќ од Европското првенство Б-дивизија што се одржа во Македонија пред точно една деценија. Сегашниот кошаркар на Арис тогаш стана најдобар асистент на еден шампионат со остварени 69 додавања на осум меча или во просек по 8,6 на натпревар, а зад него се Оливер Куламае од Естонија со 67, Радован Крул од Чешка со 64, Тамир Блат од Израел со 61 итн.
Во топ-10 на европските првенства се наоѓаат уште неколку поранешни младински репрезентативци. Андреј Јакимовски е деветти според просечниот индекс со 25,5 од 2019 година, Никола Јаничиќ е осми по просекот на постигнати поени (22,6) од 2024, Кирил Николовски е седми по бројот на скокови на еден натпревар со 22, од 2005 година, а Андрек Шошкиќ четврти по остварени асистенции на еден меч со 13 од 2023 година.
Овие статистички податоци и достигнувања дополнително добиваат на значење ако се знае дека на европските првенства во Б-дивизијата настапувале големи ѕвезди со блескави кариери, како Јусуф Нуркиќ, Гога Битадѕе, Тамир Блат, Исмаил Бако, Владимир Бродзијански, Клинт Капела итн.


