Кошаркарската федерација на Македонија годинава првпат воведе систем на лиценцирање кој, покрај организациските и техничките критериуми, предвидува и задолжително исполнување на критериумите за финансиска дисциплина.
По завршувањето на рокот за исполнување на финански критериуми (15 јули), КФМ објави дека три клуба не ги регулирале своите обврски поради што не можат да добијат лицена за настап во Суперлигата претстојната сезона.
„И покрај обезбеденото време, укажувањата и можностите што им беа ставени на располагање, три клуба не ги исполнија предвидените финансиски услови во утврдениот рок: ТФТ, Маџари и Чаир.
Поради тоа, а имајќи ја предвид обврската за еднаква примена на правилата кон сите учесници во натпреварувањето, Кошаркарската федерација на Македонија не е во можност да им издаде лиценца за настап во натпреварувачката сезона 2026/27. Напоменуваме дека ова соопштение се однесува исклучиво на процесот на лиценцирање на клубовите кои ќе се натпреваруваат во највисокиот ранг на натпреварување во сезоната 2026/27“, стои во соопштението на КФМ.
Маџари е актуелен вицешампион на Македонија, ТФТ е поранешен освојувач на Купот и финалист во АБА 2 лигата за минатата сезона, додека Чаир веќе има долг стаж во Суперлигата.


