Македонскиот репрезентативец Андреј Маслинко и претстојната сезона ќе го носи дресот на шампионот МЗТ Скопје.
Двете страни договорија продолжување на соработката на уште една сезона која би била седма во кариерата на Маслинко во клубот од Аеродром. Со „штрковите“ тој веќе има три шампионски титули и три триумфи во Купот на Македонија каде лани беше прогласен за МВП на завршниот турнир.
Минатата сезона Маслинко имаше проблеми со повреди, но успеа да ги надмине и максимално учествуваше во борбата за трофеите во сите натпреварувања на домашна сцена. Претстојната ќе биде уште потешка бидејќи МЗТ Скопје ќе се натпреварува на вкупно пет „фронта“ на домашна и меѓународна сцена.
МЗТ Скопје полека го склопува составот за новата натпреварувачка кампања. Пред Маслинко, договорите ги продолжија и браќата Стојановски, а нови играчи се Лука Стојановски, Никола Василевски и Босанецот, Емир Крајиниќ.


