Учеството во две меѓународни и две домашни натпреварувања максимално ќе го оптовари МЗТ Скопје, особено во есенскиот дел од сезоната.
Денеска е објавен распоредот на натпревари за македонскиот шампион во АБА 2 лигата и излегува дека МЗТ Скопје ќе игра на секои 3-4 дена, некогаш и по три натпревари неделно. Сезоната ќе ја почне со Суперкупот против МКК Куманово пред крајот на септември, а потоа заклучно со 23 декември го очекуваат најмалку 26 натпревари: еден во Суперкупот, девет во домашното првенство, десет во ФИБА Европа купот и шест во АБА 2 лигата. Во тој период, односно кон крајот на ноември, има двонеделна репрезентативна пауза, поради учеството на македонската репрезентација во претквалификациите за Европското првенство.
Сезоната во АБА 2, аеродромци ќе ја почнат на 30 септември против Слобода Тузла, а потоа, поради учеството во ФИБА Европа купот, своите натпревари во регионалното натпреварување ќе ги игра во текот на викендот, најчесто во саботите. Работните денови ќе бидат резервирани за домашното првенство и ФИБА Европа купот. Основниот дел од АБА 2 завршува на 19 декември, а ако го избегне последното место на табелата во својата група, МЗТ Скопје ќе продолжи барем во плејинот, а ако биде прв, директно во четвртфиналето. ФИБА Европа купот, шампионот го почнува на 7 октомври против Ираклис во Солун, а потоа се игра секоја недела, со исклучок на ФИБА „прозорецот“ до 23 декември.

Поради сето ова, МЗТ Скопје ќе мора добро да се засили во текот на летото и да има поголем фонд кошаркари кои ќе можат да го издржат напорното темпо во сезоната што претстои.


