Уште еден ден остана до почетокот на Европското јуниорско првенство Б-дивизија што ќе се одржи во Ријека и Опатија, а на кое ќе учествува и македонската репрезентација.
Нашите кошаркари вчера пристигнаа покрај Јадранот, веќе одржаа и тренинг и се подготвуваат за првиот предизвик, утре вечер против Грузија. Капитенот Григориј Ѓорѓевиќ со нетрпение го очекува стартот на кој македонската репрезентација ќе се обиде да се врати во А-дивизијата.
„Пред се, настапот на ова првенство за мене и моите соиграчи е привилегија, да дојдеме овде и да играме против најдобрите кошаркари од земјите учеснички на првенството и да се натпреваруваме на највисоко ниво е вистински предизвик. Подготвени сме, добро трениравме во изминатиот период и мислам дека сме подготвени за сите ситуации. Како тим сме обединети, имаме добра хемија и размислуваме само за голем успех. Ќе дадеме од себе и ќе се бориме за највисок пласман“, изјави Ѓорѓевиќ за КОШ.МК.
Македонската јуниорска репрезентација излегува на терен утре во 20:30 часот кога почнува дуелот против Грузија.


