Иднината на Леброн Џејмс повторно е главна тема во НБА-лигата. Иако во тек е фаза кога клубовите веќе ги кројат своите ростери, одлуката на еден од најголемите кошаркари во историјата сè уште се чека.
Неизвесноста околу следниот чекор на „Кралот“ влијае на целиот трансфер пазар, а американските медиуми пишуваат дека поради неговото одложување на одлуката е успорен бизнисот тежок околу 76 милијарди долари. За таа сума НБА потпиша 11-годишен договор за продажба на ТВ права на NBC, Disney и Amazon. Тимот за кој ќе потпише Џејмс веднаш ќе стане еден од најпродаваните во лигата, а целата лига ќе чека тој да го потпише договорот за да може да се договори распоредот на натпреварите. Љубителите на кошарката со нетрпение ја очекуваат неговата одлука, како и првиот човек на лигата Адам Силвер.
„Сакам Леброн Џејмс веќе да ја објави својата одлука за да можеме да го финализираме распоредот. Како што можете да претпоставите, добиваме повици од клубови, телевизиски мрежи и сите сакаат распоредот да биде финализиран. Неговата одлука ќе влијае на тоа како ќе го составиме распоредот, вклучувајќи ја првата недела од сезоната, божиќната програма и сè друго“, вели Силвер.
Агентот на Леброб, Рич Пол порача дека нема да има брзање и дека конечниот избор ќе го направи самиот кошаркар. Ситуацијата ги држи во неизвесност и тимовите кои се заинтересирани за најголемата ѕвезда на пазарот. Додека едни чекаат дали ќе остане во Лос Анџелес, други внимателно ја следат можноста да го ангажираат ветеранот кој и покрај годините сè уште игра на највисоко ниво.
Леброн во својата кариера освои четири НБА титули, четири МВП признанија и постави бројни рекорди, а неговиот следен потег може да предизвика големи промени низ целата лига.


