Од денеска до 2 август во Ријека и Опатија ќе се одржи Европското јуниорско првенство Б-дивизија на кое ќе учествува и македонската репрезентација.
Една од најталентираните генерации во поновата историја од македонската кошарка ќе се обиде да го повтори на своите претходници кои пред две години го освоија златниот медал на шампионатот во Скопје. Дел од кошаркарите кои ќе настапат сега играа лани на Еуробаскетот во Белград, но годинава, со уште поголемо искуство, некои од нив и со настапи во странство во текот на сезоната, ќе се борат за враќање во А-дивизијата.
И овие кошаркари пред две години можеа да се борат за титулата, тогаш во кадетска конкуренција. На шампионатот што се одржа во Скопје, тие остварија три победи во четири меча во групната фаза, но не се пласираа во четвртфиналето поради чудниот епилог на дуелот меѓу Шведска и Естонија кои буквално ја елиминираа македонската селекција. Тогаш го освоија десеттото место, но според квалитетот и прикажаното во дуелите, како и остварените пет победи на вкупно седум меча, секако заслужија многу повеќе.

Селекторот на оваа репрезентација Миодраг Тодоровиќ се соочи со многу проблеми во текот на подготовките поради повредите на голем дел од кошаркарите и тоа може да се одрази на изданијата на теренот. Сепак, за разлика од други селекции, оваа екипа ги има сите потребни карактеристики за да се бори за највисок пласман: талентирани и квалитетни играчи на сите позиции, височина, брзина и искуство од вакви настапи.

Првиот меч е вечерва од 20:30 часот против Грузија, а во групата се уште БиХ, Шведска и Унгарија. Пласман во четвртфиналето обезбедуваат најдобрите две репрезентации во групата.
СОСТАВ НА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА:
Григориј Ѓорѓевиќ
Дамјан Данев
Филип Сребров
Алексеј Нешовиќ
Дамјан Стојановски
Марко Бајалџиев
Ѓорѓи Цветковски
Дамјан Стојановски
Павел Ѓиноски
Лука Чучанов
Михајло Малиниќ
Филип Алековски
СЕЛЕКТОР: Миодраг Тодоровиќ
АСИСТЕНТ-ТРЕНЕР: Дамјан Вељанов
АСИСТЕНТ-ТРЕНЕР: Илија Стамболџиев
ФИЗИОТЕРАПЕВТ: Никола Станојковски
ДОКТОР: Ивана Харбов
ТИМСКИ ВОДАЧ: Бранко Андриевски
ПРИДРУЖЕН СУДИЈА: Андреј Златевски


