Јуниорската репрезентација на Македонија го доживеа вториот пораз на Европското првенство Б-дивизија во Хрватска откако денеска загуби од БиХ со 75-86.
Нашите кошаркари доживеаја слична судбина како вчера со Грузија со тоа што сега колабираа во последниот период, за разлика од вчера кога падот дојде кон крајот на третата четвртина. Македонската репрезентација до диктираше темпото од финишот на првата до средината на последната четвртина, имаше водство и од девет разлика, но потоа се случи огромен пад кој Босанците го искористија за да дојдат до својата прва победа и да ги продолжат надежите за место во нокаут фазата.
Босанците подобро го отворија натпреварот и беа во предност до седмата минута, најмногу со четири поени разлика. Македонија потоа направи 7-0, односно 15-3 за преземање на контролата над резултатот и предност од 28-20. Иако со мали осцилации, водството остана на страна на нашиот тим до последната четвртина со тоа што на средина од третата, дојде највисоката предност, од девет разлика (57-48).
За жал, тоа не беше доволно, Босанциите со 11-2 дојдоа до израмнување, а на срдина од последниот период поведоа со 72-71. Избраниците на Миодраг Тодоровиќ се обидоа да останат во игра, но БиХ со агресивна игра во одбрана ги затвори приодите кон кошот и ги запре сите наши адути. Таа последна четвртина Босанците ја добија со 27-14.
Григориј Ѓорѓевиќ сега беше најефикасен во нашата селекција со 21 поен, еден помалку постигна Цветковски, а двоцифрени беа уште Данев (14) и Нешовиќ (10). Македонските кошаркари немаат многу време за одмор бидејќи утре од 10:30 часот го играат мечот со Унгарија. Шансиите за пласман во четвртфиналето сега се сведени на теорија и за да се случи тоа, треба да се погодат многу резултати.


