Партизан е пред реализација на едно од најизненадувачките засилувања ова лето, откако во завршна фаза од преговорите за преселба во црно-белиот табор влезе аргентинскиот плејмејкер Лука Вилдоса.
Според информациите, 30-годишниот кошаркар ќе го напушти Виртус и покрај тоа што минатото лето потпиша тригодишен договор со италијанскиот клуб. Договорот, сепак, содржи излезни клаузули, а примамливата понуда од Партизан и промените во Виртус по доаѓањето на новиот тренер Алекс Мумбру значително ја променија ситуацијата.
Доколку трансферот биде официјализиран, Вилдоса ќе се врати во Белград, но овојпат ќе го облече дресот на големиот ривал Партизан, иако претходно настапуваше за Црвена звезда. Токму поради неговото минато, овој потег веќе предизвикува огромно внимание во кошаркарската јавност.
Додека играше за Звезда, тој често имаше навредливи и потценувачки к0ментари за Партизан, па затоа е прашање како ќе биде прифатен од навивачите на поранешниот европски шампион. Ако дојде до договор, Вилдоса ќе стане прв кошаркар кој играл за двата атински и двата белградски евролигаши бидејќи во минатото беше член и на Панатинаикос и на Олимпијакос.


