По едномесечни подготовки, женската јуниорска репрезентација на Македонија утринава замина за романскиот град Тулчеа каде од 31 јули до 9 август ќе учествува на Европското првенство Б-дивизија.
Пред заминувањето, селекторот Виктор Петровски ги изнесе своите очекувања од шампионатот кој ќе биде голем предизвик за нашите млади кошаркарки.
„Подготовките за Европското првенство поминаа со максимална посветеност од сите девојки. Иако поради неколку мали повреди не успеавме во текот на подготвителниот период континуирано да работиме во комплетен состав , сметам дека направивме квалитетна работа и секој ден се трудевме да напредуваме како тим.
Нè очекува исклучително силна група. Грција е една од главните фаворити за освојување на златниот медал, а селекциите на Словачка, Велика Британија и Данска се репрезентации со висок квалитет. Свесни сме за тежината на предизвикот, но нашиот фокус е насочен исклучиво кон нашата игра.
Нашата енергија, пристапот и посветеноста што ги покажувавме на тренинзите сакаме да ги пренесеме и на Европското првенство. Ќе се обидеме во секој натпревар да го дадеме максимумот, да се бориме една за друга и да одиграме најдобро што можеме“, рече Петровски.
Прв противник на Македонија е Данска, а натпреварот се игра в петок од 17:30 часот.


