Евролига денеска го објави распоредот за новта сезона која почнува на 24 септември и повторно ќе има 20 учесници и 38 кола.
Летово беше многу возбудливо меѓу клубовите кои ќе учествуваат во елитното натпреварување, половина од нив ги сменија своите тренери, а еден од најблескавите моменти е враќањето на Жељко Обрадовиќ кој се врати на клупата на Панатинаикос. Љубителите на кошарката со нетрпение очекуваа да дознаат кога најтрофејниот европски тренер ќе заигра против својата најголема љубов Партизан, па од денеска и тоа е познато.
Првиот меч меѓу Партизан и ПАО се игра на 13 октомври во Белград и тогаш Обрадовиќ првпат ќе води екипа против „црно-белите“ по пауза од 13 години. Последниот меч против Партизан тој го одигра на 12 декември 2013 година во Истанбул, а последен пат во Белград како гостин беше на 8 ноември истата година.
Навивачите со нетрпение го очекуваат моментот кога најдобриот ќе излезе спроти својот поранешен клуб во Белград. Тоа нема да биде само обичен евролигашки натпревар – туку кошаркарска приказна исполнета со емоции, ривалство и почит.
Од останатите значајни дуели, првото вечно дерби е закажано за 22 октомври, во рамките на седмото коло, кога Партизан ќе биде домаќин на Црвена Звезда. Актуелниот шампион Олимпијакос ќе ја започне сезоната на гостински терен кај Басконија, додека еден од најинтересните натпревари од првото коло ќе се игра помеѓу Барселона и Анадолу Ефес.
Новакот во елитното натпреварување, Бешикташ ќе го означи своето враќање во Евролигата со дуел против Валенсија. Меѓу дерби натпреварите што привлекуваат најголемо внимание се финалето од минатосезонската Евролига помеѓу Олимпијакос и Реал Мадрид во 13., Ел Класико во 15., како и големото грчко дерби помеѓу Панатинаикос и Олимпијакос во 16. коло.
Основниот дел од сезоната завршува на 16 април, по што следат натпревари од плеј-ин (20 и 23 април), плеј-оф натпреварите од 27 април до 12 мај, додека Фајнал-форот ќе се игра на 28 и 30 мај 2027 година.


