Американецот Ноа Фарахан е четврто засилување на МЗТ Скопје за претстојната сезона, откако денеска и официјално стави потпис на договорот со шампионот.
Станува збор за играч на плејмејкерската позиција, кој зад себе има бурна сезона во европската кошарка имајќи предвид дека во неа играше за три клуба: Студент и Борац Бања Лука во БиХ, како и словачкиот прволигаш Комарно. Универзитетската кариера ја почнал во Источна Каролина, по што настапувал и за Вест Вирџинија и за Хемптон Пајратс. Минатото лето одигра четири натпревари во дресот на Сан Антонио Спарс во Летната НБА-лига, каде што дополнително го потврди својот потенцијал.
Навивачите на МЗТ Скопје многу добро го памтат неговото издание токму против клубот од Аеродром во АБА2 лигата, кога постигна 27 поени и седум асистенции. Фарахан е второто странско засилување на МЗТ Скопје за новата сезона, по босанскиот центар Емир Крајиниќ. Договори со клубот имаат и Дамјан и Војдан Стојановски, Андреј Маслинко, Андреј Андоноски, како и повратниците Лука Стојановски и Никола Василевски, додека тренер на екипата останува Васко Атанасов.
Претстојната сезона МЗТ Скопје ќе настапува во домашните натпреварувања, АБА 2 лигата и ФИБА Еврокупот.


