Јуниорската репрезентација на Македонија ја оствари првата победа на Европското првенство Б-дивизија и избегна борба за опстанок во оваа конкуренција.
Во последното коло од групната фаза, нашите млади кошаркари ја совладаа Шведска со 69-60 и ќе играат за пласман од деветтото до 16. место. Иако се мачеа цело прво полувреме, македонските репрезентативци одиграа одлично во вторите 20 минути му се израдуваа на првиот триумф.
Клучен беше периодот кон средината на третата четвртина кога Македонија направи серија од 10-0 и отиде на 47-36. Во последниот квартал, предноста на нашите кошаркари изнесуваше и 12 разлика (56-44), Швеѓаните се заканија со пресврт откако се доближија на 56-61, но сепак немаа сили да го загрозат триумфот на нашите кошаркари.
Најдобар поединец во македонската репрезентација беше капитенот Григориј Ѓорѓевиќ кому му недостасуваа два скока за трипл дабл – 17 поени, 11 асистенции и осум скока за индекс 30. Одличен меч одигра и центарот Михајло Малиниќ кој оствари дабл дабл со 11 поени и 10 скока, но во статистичката категорија +/- имаше +21, убедливо најмногу од сите наши кошаркари.
Својот прв противник во борбата за пласман од деветтото до 16. место, македонската репрезентација ќе го добие подоцна денеска, а потенцијални ривали се Велика Британија, Финска, Белгија и Ирска.


