Веќе трет ден, кадетската репрезентација на Македонија се наоѓа во Гевгелија каде ја одржува последната фаза од подготовките за Европското првенство Б-дивизија чиј домаќин ќе биде Македонија.
Првите две недели, кошаркарите тренираа во Скопје, а потоа се преселија на југот каде и ќе ги играат натпреварите од групната фаза. Селекторот Дејан Стојановски е задоволен од она што се случуваше досега и се надева дека така ќе биде до крајот.
„Задоволен сум како течат подготовките, избравме 12 здрави, квалитетни играчи, со добри предиспозиции за нашата игра. На двата натпревара во Бугарија тестиравме 14 играчи, а сега сме со 12 кои ја поминаа финалната селекција. Во Гевгелија почнуваме да работиме уште на т.н. ситници кои се многу битни. Имаме шанса да направиме добра екипа со добра хемија, тоа е најбитното за почеток, а нормално дека треба да ги подобриме и оние кошаркарски работи, како физичката подготвеност.
На тоа работиме сега, на 3 август ќе имаме контрола против Велика Британија што ќе биде голем тест за нашите моментални можности. Подготвени ќе го дочекаме првиот натпревар на првенството, против Кипар на 6 август и во моментов сме фокусирани само на тој натпревар. Одиме чекор по чекор и тоа е нашата филозофија, значи не гледаме многу напред, туку гледаме сега од тренинг до тренинг да работиме силно. Во Бугарија видовме што ни фали, таму резултатите не беа битни, видовме дека сме конкурентни, ама и дека мораме уште поцврсто. Задоволни сме и среќни дека немаме никакви проблеми со повреди и се надевам дека така ќе остане“, изјави Стојановски за КОШ.МК.
Кадетите во Гевгелија ги имаат сите потребни услови за работа, останува само да ја израдуваат нацијата и да остварат добар резултат на Европското првенство.


