На засилувањата на конкурентите за шампионската титула Работнички и МЗТ Скопје кои дојдоа претходните два дена, денеска одговори поранешниот вицешампион ТФТ.
Нов член на тимот од Тафталиџе е американскиот крилен играч со гвинејски пасош Секу Сила кој ѝ е добро познат на македонската кошаркарска јавност. Пред две сезони тој играше за тимот на Шкупи кој тогаш испадна од лигата, но Сила покажа ретко видена доминација на натпреварите на својот тим.
Кулминација беше дуелот против Вардар, одигра во јануари 2025 година кога за 36 минути во игра постигна 46 поени и 24 скока за индекс 53, нешто што на малкумина им успеало во историјата на македонската кошарка. Дури и против ТФТ тогаш одигра одлично, Шкупи го изненади фаворитот кој подоцна стигна до финалето, а Сила оствари дабл дабл со 24 поени и 10 скока.
Сила има исклучително богата интернационална кариера, во Скопје доаѓа од шведскиот Кепинг Старс, а има играно и во Австралија, Финска, Словачка, како и во НЦАА. Тој е второ засилување за ТФТ оваа сезона по Накавион Вајт кој беше претставен минатата недела.


