Откако пред два дена го ангажира Дерин Говенс како второ засилување за новата сезона, Работнички влезе во процес на продолжување на договорите со постоечкиот играчки кадар.
Прв кој потпиша нов договор е македонскиот репрезентативец Дамјан Робев. Искусниот бек дојде во Градски парк во 2024 година од МЗТ Скопје и е еден од носителите на играта на тимот предводен од Владимир Мирковски.
Минатата сезона Робев одигра 26 натпревари со просек од 9,7 поени, 4,8 скока и 4,5 асистенции.
По Робев, во следните денови се очекува Работнички да го објави продолжувањето на соработката и со други кошаркари со кои претстојната сезона ќе се обиде да се врати на шампионски патеки.


