Селекторот на австриската кошаркарска репрезентација Арамис Наглиќ објави список од 28 кошаркари пред дуелите против Кипар и Македонија кои ќе се одиграат идниот месец, на стартот од втората претквалификациска фаза за Европското првенство во 2029 година.
Најзвучно име на овој список е долгогодишниот НБА кошаркар Јакоб Пелтл кој веќе една деценија настапува во најсилната светска кошаркарска лига. Во моментов е член на Торонто Репторс, од овој тим беше избран и на драфтот во 2016 година како деветти пик и таму настапуваше од 2016 до 2018 година, е во меѓувреме, пет сезона го носеше дресот на Сан Антонио Спарс. Игра на центарската позиција, висок е 213 сантиметри, а последен пат настапи за австриската репрезентација лани, во претквалификациите за Светското првенство кога ја покажа својата класа и на четирите натпревари просечно постигнуваше по 17 поени, на три меча оствари дабл дабл, а против Бугарија броеше до 23 поени и сето тоа со релативно мала минутажа.
Настапот на Пелтл во дуелот со Македонија бара соодветен одговор од наша страна што значи дека неопходно е да се спротивставиме соб квалитетен центар, веројатно Мозес Рајт кој неодамна доби македонско државјанство.
Покрај Пелтл, Австријците имаат уште шестмина кошаркари кои настапуваат во странство: Ерол Ершек во Хајделберг, Богиќ Вујошевиќ во Гајдобра, Лука Брајковиќ во Олимпија Љубљана, Тимо Ланмилер во Вехта, Нордин Капиќ во НЦАА и Томаш Клепајш во Улм, додека Арон Штазиќ игра во АБА лигата, во тимот на Виена.
Австријците соопштија и дека претстојниот натпревар против Македонија ќе се игра на 30 август од 16:05 часот во Спорт арената Виена која има капацитет од 7.000 места.
СПИСОК НА КОШАРКАРИ НА АВСТРИЈА:
Лука Брајковиќ, Лукас Цветкова, Арон Штазиќ, Еди Патекар, Ерик Диец, Ерол Ершек, Даниел Фридрих, Јакоб Лохр, Миро Заф, Даниел Гргиќ, Даниел Кепел, Лукас Хан, Константин Зауер, Јакоб Шкута, Старлин Иноа Гил, Елвир Јакуповиќ, Себастијан Кеферле, Флоријан Кепел, Ренато Пољак, Нордин Капиќ, Томас Клепајш, Џонатан Кнесл, Силвен Ландесберг, Нико Железник, Елиас Власак, Тимо Ланмилер, Јакоб Пелтл и Богиќ Вујошевиќ.


