Поранешниот селектор на македонската сениорска кошаркарска репрезентација, Марјан Илиевски, е нов тренер на КК Маџари за сезоната 2026/27.
Од клубот официјално потврдија дека Илиевски ќе го предводи стручниот штаб во период кој претставува историски предизвик за Маџари, бидејќи тимот ќе настапува не само во домашните натпреварувања, туку првпат во своето постоење и на меѓународна сцена – преку АБА2 лигата.
Илиевски се враќа во клубот со кој е тесно поврзан, бидејќи е еден од оние кои го воскреснаа пред четири години и луѓето кои стојат зад развојот на овој кошаркарски проект. Неговото назначување претставува продолжение на амбициозната визија на Маџари за создавање стабилен и конкурентен тим на регионалната сцена. Новиот стратег на Маџари зад себе има богато искуство во македонската и меѓународната кошарка. Во кариерата работел на повеќе успешни проекти, освојувал трофеи и беше предводник на националниот тим на Македонија. Последниот тим кој го водеше беше Пелистер кого го однесе до финалето во домашното првенство, но подоцна се повлече од тренерската позиција и ја извршуваше функцијата генерален менаџер.
Вицешампионот со назначувањето на Илиевски испраќа јасна порака дека има сериозни амбиции, а историското деби во АБА2 лигата ќе биде ново поглавје во развојот на клубот.


