Шампионот на Македонија, МЗТ Скопје продолжува со формирањето на тимот за новата сезона, а најновото засилување за „металците“ е американскиот крилен кошаркар Лесли Ворнер.
Дваесет и осумгодишниот кошаркар, висок 201 сантиметар, денеска официјално потпиша договор со македонскиот шампион и ќе биде дел од составот кој во сезоната 2026/27 ќе се натпреварува на домашната сцена, во АБА2 лигата и во ФИБА Еврокупот.
Ворнер пристигнува со богато европско искуство, откако во последните години настапуваше за повеќе клубови на Стариот континент. По четиригодишниот период во универзитетскиот тим на Рио Гранде, неговата европска авантура започна во австриски Грац во сезоната 2021/22, а потоа продолжи во Њукасл од Велика Британија. Во кариерата настапувал и за Кафенберг (Австрија), Славија Прага и Усти над Лабем (Чешка), Короивос (Грција), како и за литванскиот прволигаш Јонава, каде ја помина минатата сезона.
Станува збор за кошаркар кој е познат по својата офанзивна потентност и играта под обрачите. Ворнер важи за добар поентер и одличен скокач, а често натпреварите ги завршува со двоцифрен број поени и скокови.
Американецот е третото интернационално засилување на МЗТ Скопје ова лето, по сонародникот Ноа Фарахан и босанскиот крилен центар Емир Крајиновиќ. Во составот на „сино-белите“ остануваат и искусните Дамјан и Војдан Стојановски, Андреј Маслинко и Андреј Андоноски, како и повратниците Лука Стојановски и Никола Василевски. Тимот и во новата сезона ќе го предводи тренерот Васко Атанасов.
Со ангажманот на Ворнер, МЗТ Скопје продолжува да го гради конкурентниот состав со кој ќе атакува на нови успеси во домашните натпреварувања и на европската сцена.


