Поранешниот кошаркар на МЗТ Скопје, Мак Смит, има нов клуб во својата кариера откако официјално потпиша договор со естонскиот Тарту за претстојната сезона.
Американскиот плејмејкер (28), висок 191 сантиметар, во изминатата сезона беше дел од македонскиот шампион МЗТ Скопје, со кој ги освои титулите во Првата лига и Купот на Македонија. Одличните настапи му ја донесоа и наградата за најкорисен играч (МВП) на куп-натпреварувањето. Интересно е тоа што Тарту ќе биде еден од противниците на МЗТ Скопје во ФИБА Европа купот и во рамките на второто коло, на 14 октомври, Смит повторно ќе дојде во „Јане Сандански“, овојпат во улога на гостин.
По потпишувањето на договорот, Смит не го криеше задоволството од новиот предизвик.
„Многу сум среќен што дојдов во Тарту и што станав дел од победничка средина. Сакам да помогнам во градењето на нешто навистина големо. Нашата цел е да победуваме и да уживаме во секој момент на теренот. Ако останеме сплотени од самиот почеток, верувам дека ќе имаме успешна сезона“, изјави американскиот плејмејкер.
Менаџерот на клубот Маилис Пок истакна дека Смит ќе биде значајно засилување за тимот.
„Тој е комплетен бек кој може да биде опасен и со и без топка, а не се плаши да преземе одговорност во најважните моменти. Станува збор за докажан стрелец, одличен тимски играч и кошаркар со богато меѓународно искуство“, порача Пок.
Естонскиот клуб продолжува со засилувањата за новата сезона, а главен тренер и понатаму ќе биде Аивар Кусмаа.


