Женската јуниорска репрезентација со пораз го почна настапот на Европското првенство Б-дивизија.
Во првото коло, нашите млади кошаркарки загубија од Данска со 60-73, но долго време држеа рамнотежа во играта и не дозволија да бидат прегазени и покрај тоа што на шампионатот заминаа драстично ослабени поради повреди на неколку клучни играчи.
Македонската репрезентација играше израмнето до три минути пред крајот на првото полувреме кога резултатот беше 25-22 за Данска. Тука дојде до првата криза во играта на нашите кошаркарки бидејќи заклучно со стартот на третата четветина, противничките направија 15-4 и поведоа со 40-26. Македонија потоа намали на едноцифрена негатива, но селекцијата на Данска не дозволи пресврт и мирно го приведе натпреварот кон крајот.
Јана Пислевска беше најефикасна во македонската репрезентација со 16 поени, Ива Колева постигна 12, но имаше и 12 загубени топки. Токму загубените топки беа главната причина за поразот на Македонија на овој меч бидејќи нашите кошаркари имаат дури 34, 13 повеќе од данската репрезентација.
Во рамките на второто коло, утре од 20 часот Македонија се среќава со еден од фаворитите за титулата на ова првенство – Грција.


