Македонската јуниорска репрезентација ќе се бори за 13. место на Европското првенство Б-дивизија што се одржува во Хрватска.
Во борба за пласман од 13. до 16. место, нашите кошаркари го победија Исланд со 86-74 за втор триумф на шампионатот. До победата дојдоа и покрај лошиот старт на натпреварот и големата негатива што ја имаа во воведниот сегмент од мечот.
Македонија отвори со 5-1, а потоа Исланѓаните направија 12-0 за до крајот на првата четвртина да дојдат до водство од 25-9 што беше највисока предност на противничката селекција. Големиот пресврт се случи во вториот период, по 27-11 за Исланд, кога македонската репрезентација направи 22-2 за пред полувремето да отиде на големи 44-35.
Во третиот период нов пресврт, Исланд ја презеде иницијативата и поведе со 57-54, но тоа кратко траеше. По 65-65 во последниот период, Македонија постигна седум поени по ред за во последната минута да влезе со двоцифрена предност (81-70) што овозможи мирен финиш.
Капитенот Ѓорѓевич со 18 поени беше најефикасен во нашата репрезентација, Цветковски додаде 17, а Данев оствари дабл дабл со 11 поени и 10 скока. Двоцифрени беа уште Стојаноски и Нешовиќ.
Утре Македонија ќе се бори за 13. место на првенството, против Велика Британија, а натпреварот се игра од 11:30 часот.


