Женската јуниорска репрезентација на Македонија го доживеа вториот пораз на Европското првенство Б-дивизија во Романија.
По вчерашниот неуспех во дуелот со Данска, денеска подобра од нашата селекција беше Грција која славеше со 73-42. Грчките кошаркарки влегоа како фаворитки, не само во овој дуел, туку и воопшто на првенството, па оттука овој пораз и не беше неочекуван.
Македонската селекција одигра добра прва и трета четвртина, но во останатите две Грција ја направи потребната разлика за да дојде до убедлива победа. Нашиот тим се држеше во воведниот квартал кој заврши со 19-13 за Грција, но се беше решено до крајот на полувремето кое противниот го заврши со 40-20. Сепак, македонската селекција одигра максимално одговорно до крајот и за тоа заслужува честитки.
Јана Пислевска беше најефикасна во македонската репрезентација со 13 поени, а само уште Колева беше двоцифрена, со десет. Утре од 20 часот нашата селекција го игра третиот натпревар на првенството, против Велика Британија.


