В четврток во Скопје и Гевгелија почнува Европското кадетско првенство Б-дивизија, а македонската репрезентација синоќа го одигра последниот контролен меч.
Противник беше Велика Британија која славеше со 82-72, но како и на сите подготвителни натпревари, резултатот и сега не беше во преден план. Мечот му послужи на селекторот Дејан Стојановски да види до каде е тимот на три дена пред стартот на шампионатот, а впечатоците кај него се одлични.
„Одигравме извонредно и покрај тоа што Британците се физички посилни од нас, а и повисоки. Јас сум задоволен од тимската игра, се боревме до крајот иако во финишот беше јасно дека кондициски паднавме. Имаме уште три дена да се подготвиме соодветно, ја темпираме формата за Европското првенство и сигурен сум дека ќе бидеме уште подобри. Најважно ни е што сите кошаркари се здрави и подготвени“, изјави селекторот Стојановски.
Британците многу подобро го почнаа мечот, водеа и со 19 поени разлика, но Македонија направи пресврт и на полувреме замина со предност од 51-50. Одлуката падна во последните минути, но мора да се истакне дека противничките кошаркари имаат одличен шут од игра, од дури 65%.
Првиот натпревар на Европското првенство Б-дивизија, Македонија го игра в четврток од 18:30 часот против Кипар, а в сабота и недела се среќава со Исланд и Хрватска. Во групата се наоѓаат уште селекциите на Украина и Швајцарија.


