Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) соопшти дека по завршувањето на постапката за лиценцирање и истекот на рокот за жалби, еден клуб не ги исполнил условите за настап во Суперлигата во сезоната 2026/2027.
Од Федерацијата не го откриваат името на клубот, но најавија дека во согласност со Правилникот за лиценцирање ќе биде отворен рок за пријавување на заинтересирани клубови од 10 до 20 август.
Право на пријава ќе има секој клуб кој ги исполнува организациските, инфраструктурните, финансиските и останатите критериуми предвидени со прописите на КФМ за настап во највисокиот ранг на македонската кошарка.
Во соопштението се потенцира дека неисполнувањето на условите од страна на еден клуб не значи автоматска промоција на следнопласираните екипи од Првата лига. Причината е што првопласираниот клуб, кој преку спортскиот резултат обезбедил место во Суперлигата, не се откажува од своето право на настап. Ако некој од останатите прволигаши сака да конкурира за испразнетото место, покрај исполнувањето на сите услови за лиценцирање, ќе треба да ја прифати и обврската за уплата на лиценцата во износ утврден со правилниците на Федерацијата.
По завршувањето на рокот за пријавување, Комисијата за лиценцирање ќе ја разгледа документацијата на сите заинтересирани клубови, по што Управниот одбор на КФМ ќе ја донесе конечната одлука за пополнување на местото во Суперлигата за сезоната 2026/2027.
Од Кошаркарската федерација истакнуваат дека остануваат доследни на принципите на финансиска дисциплина, еднаков третман на клубовите и целосна примена на правилниците, со цел да се обезбеди поголема стабилност и кредибилитет на македонската кошарка.
Воедно, Федерацијата информира дека постапката за лиценцирање за останатите натпреварувања сè уште е во тек, а конечните одлуки ќе бидат објавени по нејзиното завршување.


