Вицешампионот во АБА 2 лигата, ТФТ го направи планот за подготовки пред почетокот на новата сезона, а најголем дел од натпреварите кои ќе служат како загревање ќе ги одигра против странски екипи.
Прозивката на тренерот Боро Смилковски ќе се одржи на 17 август во „Борис Трајковски“ каде ТФТ претстојната сезона ќе ги игра пречека своите ривали во сите натпреварувања. Првиот меч е само пет дена подоцна и тоа против грчкиот гигант ПАОК кој во новата сезона ќе влезе исклучително засилен и со високи амбиции.
Со оглед на тоа што тој меч доаѓа многу рано, очекувањата секако не се големи, но од огромна важност е дуел со толку реномиран клуб со кого ТФТ играше и претходните три години. Разликата е во тоа што ПАОК тогаш не беше амбициозен како оваа сезона во која ќе атакува на трофејот во Еврокупот. Во натамошниот дел од подготовките, скопскиот тим ќе игра со косовска Бора на 3 септември, потоа со бугарските Рилски и Балкан на 5 и 6 септември, а ќе учествува и на меморијалниот турнир „Зоран Петковски“ во Битола на 16 и 17 септември.
Планирано е подоцна да се одиграат уште неколку пријателски дуели со домашни клубови, но противниците дополнително ќе бидат одредени. Во септември ќе се знае распоредот за домашното првенство, а првиот меч од АБА 2 лигата, ТФТ ќе го одигра на 14 октомври против Слобода Тузла на домашен терен.


