Европското кадетско првенство Б-дивизија што се одржува во земјава веќе почна, а ФИБА, традиционално, објави список од десет кошаркари на кои треба да се обрне внимание.
Меѓу нив е и македонскиот репрезентативец Дион Шабани кој секако е еден од најголемите таленти во земјава. На ланското првенство, кое исто така се одржа во Македонија, кошаркарот на Црн Дрим просечно постигнуваше по 10 поени, 4,8 скока и 1,8 блокади за помалку од 19 минути на теренот.
„Дион Шабани е одличен скокач и блокер кога станува збор за одбраната, но исто така знае да се истакне и во нападот. Се работи за фантастичен поентер и секако многу работи во играта на македонската репрезентација ќе зависат од него“, пишува, меѓу другото, во анализата на ФИБА.

Пошироката кошаркарска јавност во земјава го запозна Шабани во март 2024 година кога во пионерската (У14) лига на Македонија постигна 110 поени на еден натпревар и тоа против Работнички кога Црн Дрим во Скопје славеше со 130-84. Со тоа постави рекорд во македонската кошарка, надминувајќи го Даниел Бутемер кој пред крајот на 2022 година на еден меч постигна 105 поени во дресот на Водно Санс. Шабани и претходно имаше блескави изданија, во октомври 2023 година против Феникс постигна 88 поени во победата со 94-90.


