Еден од најдобрите македонски центри во домашното првенство последната деценија Бојан Крстевски одлучи да го напушти тимот на МЗТ Скопје, по седум години поминати во тимот од Аеродром.
Поранешниот репрезентативец утре официјално ќе стави потпис на МКК Куманово, но договорени се сите детали околу неговиот премин во финалистот од Купот на Македонија. Таму повторно ќе работи со Марин Докузовски кој пред девет години го донесе, односно врати во Работнички и со кого ја освои првата од вкупно седумте шампионски титули во македонското кошаркарско првенство.
Останатите шест му се со МЗТ Скопје, сите освоени во периодот од 2021 до 2026 година, а има уште пет купа и шест суперкупа на Македонија и со вкупно 18 трофеи е еден од најуспешните кошаркари на сите времиња во земјава.
Крстевски, кој во јуни наполни 37 години, ја почна кариерата во Работнички, играше и за Центар, Вардар, Торус и Кожув, а има и интернационално искуство бидејќи три сезони настапуваше во грчкиот тим Кавала.


