Женската јуниорска репрезентација на Македонија остана без првата победа на Европското првенство од Дивизијата „Б“ во Тулчеа, откако во исклучително неизвесен натпревар загуби од Азербејџан со 73-75.
Македонските кошаркарки одиграа одлично во поголемиот дел од натпреварот и во завршницата влегоа со предност. На нешто повеќе од четири минути до крајот, водеа со 71-66 и се чинеше дека се на чекор до посакуваниот триумф.
Сепак, Азербејџан успеа да одговори во клучните моменти, да направи пресврт и да стигне до минимална победа. Нашите јуниорки не успеаја да ја задржат предноста во драматичниот финиш, па останаа без награда за добрата игра во најголемиот дел од средбата. Интересно е тоа што македонската репрезентација се наоѓаше во водство 28:48 минути, но не издржа до крајот на мечот.
Најефикасна во македонскиот состав беше Колева со 18 поени, шест скока и четири асистенции. Пислевска и Трајковска постигнаа по 17 поени, додека Груевска, Ѓорѓиева и Милосављевиќ реализираа по седум.
За македонската селекција остануваат уште два натпревара на шампионатот. Утрее од 10 часот се среќаваат со Норвешка, а в недела играат со Естонија за избегнување на дното во конечниот пласман.


