Македонската кадетска репрезентација го доживеа вториот пораз на Б-Европското првенство.
За разлика од вчерашниот од Исланд, овој од Хрватска не беше неочекуван иако се надевавме дека ќе биде подобро од конечните 57-112. „Коцкестите“ се можеби најголеми фаворити за златото на овој шампионат и сите три натпревари досега ги завршија со повеќе од 100 поени.
Македонската репрезентација беше конкурентна во првото полувреме во кое и водеше со 5-2, но јасно беше дека брзо ќе влезе во машината на Хрватите. Кога противникот ја стегна одбраната, резултатот се сврте во негова корист, нашите кошаркари тешко стигнуваа до поени, а хрватската селекција го полнеше нашиот од контранапади и тројки.
На голем одмор беше 46-33 за Хрватска, а рапсодијата на гостинот почна на стартот од третиот период. Отвори со серија од 20-4, а во цело второ полувреме ни даде 66 поени, исто така претежно од контранапади и тројки. Конечната статистика е немилосрдна и вели дека македонските кошаркари имале дури 32 загубени топки од кои Хрватите постигнаа 40 поени, а „коцкестите“ имаа и 33 асистенции за разлика од нашите 13.
Дион Шабани повторно беше најефикасен, со 16 поени, а двоцифрен беше само упиште Котевски со 10. Утре е слободен ден на првенството, а в понеделник Македонија ќе се обиде да ја прекине серијата порази во дуелот со Швајцарија.


