Македонската репрезентација доживеа два убедливи порази во првите три кола од Б-Европското кадетско првенство што се одржува во Гевгелија и Скопје и покрај тоа што во своите редови има неколку добри поединци.
Статистиката покажува дека по три одиграни кола, Дион Шабани е најдобар поентер со вкупно 79 постигнати поени, три повеќе од Мак Омеровиќ од БиХ. Безмалку половина од нив (37), кошаркарот на Црн Дрим реализира во првото коло против Кипар кога Македонија го оствари единствениот триумф досега.
На шестото место во оваа статистичка категорија се наоѓа Александар Зунзуровскки со 52 поена или во просек, по 17,3 на натпревар.
За жал, тие двајца се единственото наше офанзивно оружје. Од останатите кошаркари, двоцифрен број поени на еден меч постигна само центарот Александар Котевски, вчера против Хрватска.
Денеска е слободен ден на Европското првенство, а утре од 18:30 часот Македонија се среќава со Швајцарија во обид да ја прекине серијата порази.


