Кошаркарската федерација на Македонија денеска официјално отвори конкурс за пополнување на испразнетото место во Суперлигата.
Минатата недела, КФМ објави дека еден клуб не ги исполнил условите за добивање лиценца за настап, а сега потврди дека станува збор за Чаир. Клубот од северната скопска населба се префрла во понизок ранг, а во следните десет дена, заинтересираните ќе аплицираат за пополнување на неговото место.
„Согласно важечките Пропозиции, клуб кој не ја исполнува обврската од член 7.1 не остварува право на настап во повисокиот степен, туку се префрла за еден степен во понизок ранг на натпреварување.
Оттука, КК Чаир 2030 АД може да го реализира правото на настап во Првата македонска лига – мажи за сезоната 2026/27, под услов претходно да ги исполни сите финансиски, административни, лиценцни и други обврски утврдени со важечките акти и одлуки на федерацијата“, соопшти КФМ.
Согласно одлуката на Управниот одбор бр. 02-308/7 од 29.05.2026 година, доколку некој од десетте клубови кои го сочинуваат суперлигашкиот состав не ги исполни условите за добивање лиценца, се дава можност на клуб од понизок ранг на натпреварување да учествува во Супер лигата – мажи преку доделување „вајлд-карта“. Поради тоа, право да поднесе пријава по овој конкурс има клуб од понизок ранг на натпреварување кој смета дека ги исполнува сите услови предвидени со важечките акти на федерацијата за настап во највисокиот степен на натпреварување.
Испразнетото место не создава автоматско право на промоција на кој било клуб, ниту самото поднесување пријава дава стекнато право на настап во Супер лигата – мажи. Заинтересираните клубови се должни да ги исполнат сите услови пропишани за настап во највисокиот степен на натпреварување, вклучително и организациските, инфраструктурните, административните, финансиските и останатите критериуми утврдени со важечките акти на федерацијата.
Особено ќе се цени исполнувањето на обврските поврзани со финансиската дисциплина, како задолжителен дел од постапката за лиценцирање. Лиценцната документација предвидува потврдување на подмирените финансиски обврски од претходните и од тековната натпреварувачка сезона. Документацијата која не е доставена во рамките на постапката нема да се смета за исполнет услов.
Согласно одлуката на Управниот одбор бр. 02-308/7 од 29.05.2026 година, клубот кој ќе го оствари правото за учество во Супер лигата – мажи преку доделување „вајлд-карта“ е должен да изврши претходна уплата во износ од 40.000 евра во денарска противвредност на сметката на Кошаркарската федерација на Македонија. Исполнувањето на оваа финансиска обврска претставува задолжителен услов за реализација на правото на настап преку доделената „вајлд-карта“.
Заинтересираните клубови можат да ги достават своите пријави во периодот од 10 до 20 август 2026 година. По истекот на рокот за пријавување, комисијата за лиценцирање ќе изврши проверка на доставената документација и исполнетоста на пропишаните услови од страна на пријавените клубови.
По завршувањето на постапката, Управниот одбор на Кошаркарската федерација на Македонија ќе донесе конечна одлука за доделување на „вајлд-карта“ и пополнување на испразнетото место во Супер лигата – мажи за сезоната 2026/27.


