Димитрис Јанакопулос призна дека направил грешка со одлуката да биде отстранет банерот на Дејан Бодирога од покривот на ОАКА и најави дека тој потег наскоро ќе биде исправен.
Сопственикот на Панатинаикос во интервју за „Еуро Инсајдерс“ зборуваше за одлуката која предизвика големо внимание во европската кошаркарска јавност. Јанакопулос претходно нареди симнување на банерот со ликот на Бодирога, како реакција на неговото незадоволство од одредени судиски одлуки на натпревари на Панатинаикос во Евролигата. Сега, сепак, тој признава дека одлуката била погрешна.
„Сите прават грешки. Дејан беше легенда на Панатинаикос, но и легенда на европската кошарка. Пред сè, тој е мој пријател. Можеби не бев задоволен од некои работи, но мојата одлука дефинитивно беше погрешна и тоа ќе биде исправено“, порача Јанакопулос.
Тој потврди и дека банееот повторно ќе биде поставен во арената.
„Банерот ќе се врати многу наскоро“, додаде првиот човек на Панатинаикос.
Бодирога е една од најзначајните фигури во историјата на Панатинаикос. Како играч на атинскиот клуб, тој освои две титули во Евролигата, во 1996 и 2000 година, а неговиот статус дополнително е потврден и со тоа што подоцна стана една од водечките личности во европската кошарка.
Со последната изјава, Јанакопулос стави точка на спорната одлука и најави враќање на признанието за Бодирога на местото каде што му припаѓа.


