Кадетската репрезентација на Македонија ја оствари втората победа на Б-Европското првенство, но за оваа ќе се зборува уште долго.
Како ретко која наша селекција, оваа дојде до триумф по очајно прво полувреме и негатива од 21 разлика. На крајот славеше со 89-76 и утре против Украина ќе решава за третото место во групата, но секако обезбеди борба за пласман од 9. до 16. позиција на шампионатот.
Македонските кадети одиграа неверојатно лошо во првото полувреме во кое многу рано влезе во голема негатива (12-27), подоцна и со 16-30. за највисоки 16-37 на стартот од втората четвртина. Тука нашите покажаа знаци на живот, со серија од 9-0 дојдоа на 33-42, но на голем одмор сепак беше 53-38 за Швајцарците.
Во второто полувреме како да излезе друга екипа на теренот. Константен притисок, фантастична одбрана, профункционира и скокот и предноста на Швајцарците почна да се топи од напад во напад. По серијата од 8-0 во финишот од третиот период беше 64-67, а потоа уште една со 10-0 и наша предност од 74-70. Швајцарците беа тотално нокаутирани и во цело второ полувреме постигнаа 23 поени, за разлика од првото во кое имаа 53.
Извонреден натпревар, најдобар на ова првенство одигра Илија Коневски кој постигна 26 поени со четири тројки, покрај стандардните Зунзуровски кој постигна 19 и Шабани 18. Сепак, треба да се истакнат и другите играчи, на пример центарот Котевски кој во статистичката категорија +/- имаше +29 што значи дека во 25. минути додека бил на терен, Македонија постигнала 29 поени повеќе од противникот. Исто така, во клучните моменти се истакна и Игор Трајчев кој кога македонската репрезентација го правеше пресвртот во финишот, украде две топки, имаше еден важен скок и тројка со која ја однесе Македонија на недостижни +13.
Македонија сега има биланс 2/2 и утре против Украина од 18:30 ќе одлучи кој ќе го освои третото место во групата Б.


