Поранешниот вицешампион на Македонија, Пелистер продолжува со формирањето на тимот за новата сезона, а најново засилување на битолчани плејмејкерот Лука Савичевиќ, кој последната сезона ја заврши во тимот на Феникс.
Своевремено, 24-годишниот Савичевиќ беше еден од најголемите македонски таленти, член на генерацијата која го освои бронзениот медал на Б-Европското кадетско првенство во 2018. Има и интернационално искуство, со оглед на тоа што дел од својата кариера ја мина надвор од Македонија, а пред да се врати во домашната кошарка и да го облече дресот на Феникс, беше дел од шпанска кошаркарска академија. Претходно играше и во НЦАА, каде што настапуваше за универзитетот Источен Мичиген.
Савичевиќ мина низ сите младинските репрезентативни категории на Македонија, каде што имаше значајна улога, а неколку пати беше дел од поширокиот список на сениорскиот национален тим. На младинските европски првенства речиси редовно беше меѓу најдобрите асистенти.
Со ангажманот на 24-годишниот кошаркар, Пелистер продолжува со политиката во составот да има што поголем број квалитетни домашни играчи. Савичевиќ официјално ќе биде претставен како нов член на битолскиот тим на стартот од подготовките за новата сезона.


