Од неодамна во Битола функционира Кошаркарскиот клуб Зоран Петковски-Петкото кој го носи името на поранешниот младински репрезентативец на Македонија и легенда на битолската кошарка.
Основачи се пријатели и соработници на поранешниот кошаркар кој во Пелистер ги извршуваше сите улоги – од играч, преку тренер и директор, а ненадејно почина минатата година, на 47-годишна возраст. Истата екипа учествува во организација на кошаркарскиот турнир во чест на Петковски кој ќе се одржи на 16 и 17 септември во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола.
„Турнирот ќе ги обедини врвните македонски кошаркарски клубови во чест на Зоран Петковски – Петкото, човек кој остави неизбришлива трага во македонската кошарка и во животите на многу луѓе. Во наредните денови ќе ги објавиме екипите учесници, програмата на турнирот и останатите активности што ќе бидат дел од овој меморијален настан“, стои во објавата на КК Зоран Петковски-Петкото.
Со меморијалниот турнир, пријателите на Петковски сакаат да го продолжат наследството на легендарниот кошаркар кој им беше омилен на сите во Македонија.


