На 20-тина дена пред дуелот од претквалификациите за Европското првенство против Македонија, репрезентацијата на Австрија се соочува со големи проблеми околу составот.
Последните информации кои ги објави тамошната кошаркарска федерација зборуваат дека единствениот НБА играч од Австрија, Јакоб Пелтл нема да игра на претстојните натпревари бидејќи не добил дозвола од својот тим Торонто Репторс за двата натпревара. Австрија на 27 август се среќава со Кипар, а три дена подоцна ја пречекува Македонија, а Пелтл не фигурира во составот од 13 кошаркари.
Освен него, селекторот Арамис Наглиќ не може да смета и на Лука Брајковиќ и Силвен Ландесберг поради повреди, додека Себастијан Кеферле е отсутен поради приватни проблеми. Од друга страна, својот настап го потврди Богиќ Вујошевиќ кој беше најдобар австриски стрелец во квалификациите за Светското првенство со просек од 19,8 поени, како и уште неколку квалитетни кошаркари кои се носители на играта.
„Составувањето на тимот повторно беше предизвик за мене, но со враќањето на Богиќ Вујошевиќ и Ерол Ершек, имаме двајца многу важни играчи на располагање, што ни дава значително поголема стабилност на периметарот. Под кошот сме донекаде ограничени – без Јакоб Пелтл, Лука Брајковиќ и Марвин Огунсипе, па затоа сум многу среќен што имаме можност да го користиме Рашан Мбемба. Овојпат ќе мора повторно да направиме некои прилагодувања. Сепак, подолгиот период на подготовка и пријателскиот натпревар во Унгарија ќе ни помогнат да ги дочекаме дуелите против Кипар и Македонија во најдобра можна состојба“, рече Наглиќ.
Составот на Австрија сега изгледа вака: Ерол Ерсек, Даниел Фридрих, Јакоб Лор, Даниел Кепел, Старлин Иноа Гил, Елвир Јакуповиќ, Флоријан Кепел, Нордин Капиќ, Еди Патекар, Нико Железник, Тимо Ланмулер, Богиќ Вујошевиќ, Рашаан Мбемба. Подготовките на Австријците ќе почнат на 19 август, а пред дуелите од претквалификациите ќе одиграат пријателски меч со Унгарија.
Проблемите со кои се соочува Австрија се голема шанса за македонската репрезентација која ако настапи со најсилниот состав, за што има изгледи, може да се надева на клучен триумф во овие претквалификации.


