Еден од најпрепознатливите кошаркари во НБА во последните две децении, Расел Вестбрук реши да стави крај на професионалната кариера, на општо изненадување на љубителите на кошарката низ цел свет.
Американецот својата одлука ја објави преку социјалните мрежи, со што официјално заврши неговата НБА приказна која траеше од 2008 до 2026 година.
Вестбрук во НБА пристигна од Универзитетот Калифорнија Лос Анџелес (УКЛА), а беше избран од Оклахома Сити Тандер, клуб во кој ги помина првите и најдобрите години од кариерата. По заминувањето на Кевин Дурент, Вестбрук ја презеде лидерската улога и стана заштитно лице на франшизата.
Најголемиот индивидуален успех го оствари во 2017 година, кога беше прогласен за МВП на сезоната, откако ја заврши со трипл дабл просек. Во кариерата деветпати настапи на Ол стар натпреварите, двапати беше МВП на Ол старот и седумпати беше избран во една од идеалните петорки на лигата.
Особено ќе остане запаметен по неверојатната способност да бележи трипл-дабл. Вестбрук во текот на кариерата стигна до 209 трипл-дабл натпревари, што го прави апсолутен рекордер во историјата на НБА иако е многу веројатно дека претстојната сезона Јокиќ ќе му го симне рекордот. По Оклахома Сити, играше и за Хјустон Рокетс, Вашингтон Визардс, Лос Анџелес Лејкерс, Лос Анџелес Клиперс и Денвер Нагетс, а последниот период од кариерата го помина во Сакраменто. Последните денови искусниот плејмејкер беше поврзуван со евролигашите Панатинаикос и Хапоел Тел Авив, но на крајот одлучи да се пензионира.
Со неговото пензионирање завршува кариерата на кошаркар кој остави огромна трага во НБА, особено со својот атлетизам, енергија и статистички достигнувања кои тешко ќе бидат повторени.


