Расел Вестбрук стави крај на својата богата НБА кариера иако неговата конечна одлука можеше да биде поинаков. Искусниот плејмејкер пред да реши да се пензионира имал две конкретни понуди од НБА екипи.
Според информациите на Шамс Чаранија, Вестбрук можел да продолжи да игра и во сезоната 2026/27, бидејќи интерес за неговите услуги покажале Сакраменто Кингс и Вашингтон Визардс. Интересно е тоа што за него беа заинтересирани и европските клубови Панатинаикос и Хапоел Тел Авив, но неизвесно е дали тие испратиле официјални понуди. Сепак, 37-годишниот кошаркар решил да стави точка на кариерата и да се повлече од професионалната кошарка по сопствена желба.
Вестбрук вчера официјално објави дека се пензионира, со што заврши една од највпечатливите индивидуални кариери во историјата на НБА. Во најсилната лига на светот помина 18 сезони, настапувајќи за седум различни клубови. Најголемиот дел од кариерата го помина во Оклахома Сити Тандер, каде што се изгради како еден од најдобрите бекови на својата генерација. Подоцна играше и за Хјустон Рокетс, Вашингтон Визардс, Лос Анџелес Лејкерс, Лос Анџелес Клиперс, Денвер Нагетс и Сакраменто Кингс.
Вестбрук освои МВП награда во сезоната 2016/17, деветпати беше Ол-стар и двапати најкорисен играч на Ол-стар натпреварот. Воедно, тој е еден од најпрепознатливите играчи во историјата по бројот на трипл-дабл учиноци.
Последната сезона ја мина во Сакраменто, а и покрај тоа што имал можност да остане во НБА, Вестбрук проценил дека е време за ново поглавје. Така, еден од најатрактивните и најконтроверзните кошаркари на својата генерација заминува во пензија без да чека да исчезне интересот за него – туку во момент кога сè уште имал понуди на маса.


