Кадетската репрезентација на Македонија дојде до третата победа на Б-Европското првенство, втора по огромен пресврт.
Откако пред три дена ја совладаа Швајцарија по негатива од 21 поен, денеска нашите кадети беа подобри и од Унгарија со 95-76 откако претходно губеа и со 18 поени разлика. Во првите 20 минути Унгарците буквално не газеа на теренот, во финишот од вториот квартал имаа 51-33 и се чинеше дека македонската репрезентација ќе доживее дебакл.
Во вториот дел како на теренот да излезе сосема нова екпа, подготвена да „гризе“ и да направи голем пресврт. Нашите кошаркари отворија со 23-5 и не само што ја анулираа негативата, туку и поведоа со 59-56. Унгарците се обидоа да останат во игра, израмнија на 64-64, а потоа се држеа на еден поен негатива (70-71), но следуваше серија од 17-2 на нашите кошаркари со што целосно го уништија противникот и го комплетираа пресврт.т
Во целото второ полувреме, репрезентацијата на Унгарија постигна само 23, а Македонија дури 59.
Дион Шабани повторно беше најефикасен во нашиот тим со 24 поени со 11 скока, но својот најдобар натпревар на првенството го одигра центарот Александар Котевски кој постигна 22 поена од кои осум по ред во последната четвртина.
Утре, во борбата за 13. место и воедно во својот последен натпревар на првенството, Македонија ќе игра против Бугарија од 14 часот.


