Кадетската репрезентација на Хрватска е единствена која победи на сите досегашни натпревари на Б-Европското првенство што се одржува во Гевгелија и Скопје.
И не само што победи, туку на секој од досегашните осум натпревари оствари убедливи триумфи при што најмалата разлика со која славеше е вчерашниот полуфинален дуел со Естонија кој заврши со +25 (87-62). Доминација каква што демонстрираа Хрватите во Македонија не е видена во историјата на овие првенства и се добива впечаток дека оваа генерација би се борела за медал и на првенство во А-дивизијата.
Во групната фаза, хрватската селекција буквално се прошета, па дури и ги понижи своите ривали, меѓу кои беше и Македонија. Швајцарија ја победи со 54 (101-47), Кипар со 74 (107-33), Македонија со 55 (112-57), Украина со 56 (110-54), а Исланд со 27 разлика (80-53). Понатаму, во нокаут фазата ја совлада Холандија со 29 (80-51) и Естонија со 25 разлика (87-62).
Целта на „коцкестите“ е веќе остварена, тие се враќаат во А-дивизијата, но со оглед и на резултатите во подготвителниот период кога освојуваа трофеи на турнири со репрезентации од А-дивизијата, никој не би се задоволил со помалку од титула.


