Попладнево од 17 часот во словачкиот град Пјештани се игра финалето на Б-Европското првенство за кадетки.
За титулата и воедно за пласман во А-дивизијата ќе се борат Белгија и Шведска, а само една од нив ќе обезбеди пласман во елитната конкуренција за идната година. И Македонија ќе има свој претставник во денешното финале, во Ема Никочевиќ која ќе биде дел од судиската тројка на овој натпревар.
Таа е делегирана заедно со Сузана Вујичиќ од Црна Гора и Иван Илиев од Бугарија и ова ќе биде прво европско финале во нејзината кариера. Никочевиќ е втор македонски судија што летово суди финале на европските младински првенства, по Зоран Митровски кој беше во „тројката“ на мечот за титулата од У20 Б-Европското првенство во Братислава.


