Плејмејкерот на македонската репрезентација Михаил Анѓеловски го завршии европското првенство како најдобар асистент на Б-Европското првенство кое вчера заврши, а се одржа во Гевгелија и Скопје.
И номинално и во просек, тој беше прв додавач на шампионатот. Оствари вкупно 59 асистенции, 12 повеќе од најблискиот следбеник, од осум одиграни натпревари, а во просек бележеше по 7,4 додавања. Зад себе ги остави Мартен Милен од Естонија со 6,7 и Лука Лени Укиќ од Хрватска со 6,4.
Од останатите македонски кошаркари, Дион Шабани е трет поентер со вкупно 165 поени, зад Илија Радовиќ од Црна Гора (193) и Мак Омеровиќ од БиХ (175), а покрај тоа е уште шести блокер со 1,8 блокади, деветти скокач со 8,8 скокови и четврти според индексот со просек од 21,8.
Анѓеловски и Шабани поставија и рекорди на првенството кога станува збор за индивидуални остварувања на еден натпревар. Дион Шабани има најмногу поен на еден меч – 37 против Кипар, додека Анѓеловски е рекордер по бројот на остварени асистенции – 15 против Унгарија.


