Македонската кошаркарска репрезентација ќе биде во најсилниот можен состав на најважниот натпревар од втората претквалификациска фаза за Европското првенство во 2029 година.
Олимпија Милано денеска соопшти дека Мозес Рајт ќе се појави на стартот на подготовките на тимот на 19 август, но веднаш потоа ќе ги напушти и ќе ѝ се приклучи на македонската репрезентација. Рајт пред два месеца доби македонско државјанство и беше планиран за продолжение од претквалификациите, но неговиот настап зависеше од тоа каде ќе ја продолжи кариерата и дали ќе добие дозвола за настап од својот клуб. Тој прво потпиша за Барселона, но незадоволен од големите промени во клубот, вклучувајќи го заминувањето на тренерот Чави Пасквал, одлучи да ја плати откупната клаузула и да си замине по што ја избра Олимпија Милано.
Рајт игра на центарската позиција и еден од најдобрите на таа позиција во Евролигата, а зад себе има одлична сезона, настапуваше за Жалгирис, каде беше прв избор под обрачите и имаше значаен придонес во одличното петто место на тимот во регуларниот дел од Евролигата. Во најсилното европско клупско натпреварување просечно постигнуваше 13,2 поени и 6,5 скока, со индекс на корисност од 17,1, за нешто повеќе од 23 минути во игра.
Од доаѓањето на Рајт во македонската репрезентација, може да се заклучи дека на стартот од претквалификациите ќе игра и Ненад Димитријевиќ бидејќи од него зависеше дали натурализираниот играч за претстојната акција ќе биде бек или центар. Со Димитријевиќ и Рајт, како и Андреј Јакимовски чие доаѓање не е доведено во прашање и останатите играчи, Македонија има големи шанси за триумф во првиот натпревар од втората претквалификациска фаза.
Во него, на 30 август, македонската репрезентација гостува во Виена против Австрија и добар резултат таму, а особено победа, широко ќе ѝ ги отвори вратите кон главните квалификации за Европското првенство. Пласман во нив обезбедува само првопласираната репрезентација во групата.


