Две од екипите кои ќе ја претставуваат Македонија во АБА 2 лигата, но и ќе се борат за трофеите во домашната кошарка ТФТ и МЗТ Скопје денеска ги почнаа подготовките за новата сезона, први од македонските клубови.
ТФТ претстојната кампања како домаќин ќе настапува во арената „Борис Трајковски“ каде и беше извршена денешната прозивка. За само пет дена, в сабота, екипата ќе ја има и првата контрола, против ПАОК во Солун, а за подоцна се планирани пријателски дуели со Бора од Косово, Рилски и Балкан од Бугарија, како и учество на меморијалниот турнир „Зоран Петковски – Петкото“ во Битола.
Шампионот МЗТ Скопје, кој летово направи вистински ремонт на тимот и има седум нови кошаркари, а веројатно уште ќе се засилува, исто така денеска ги „запали моторите“. Аеродромци во новата сезона ќе учествуваат во дури пет натпреварувања – трите домашни, потоа АБА 2 и ФИБА Европа купот. Од планот за подготвителни натпревари, засега е познато дека МЗТ исто така ќе учествува на меморијалниот турнир во Битола, а својот прв официјален меч треба да го одигра кон крајот на септември, против МКК Куманово во домашниот Суперкуп.

Од останатите суперлигаши, денеска со тренинзи, но во некомплетен состав, почна и МКК Куманово, но официјалниот старт на подготовките ќе биде означен в сабота. Работнички планира да стартува в среда, но исто така комплетен ќе биде в сабота.


