Поранешниот шампион на Македонија, Работнички добива сериозно засилување на позициите 4/5 – искусниот Тарик Брунчевиќ, кошаркар висок 206 сантиметри, кој зад себе има богато меѓународно искуство.
Брунчевиќ во текот на својата кариера настапувал во повеќе европски првенства, бранејќи ги боите на: Нови Пазар, Галати, Шентјур, Иркутск и Левалоа каде ја минал минатата сезона. Станува збор за кошаркар кој може успешно да ги покрие двете високи позиции. Со своите 206 сантиметри, физичка сила и меѓународно искуство, Брунчевиќ треба да донесе дополнителна цврстина во рекетот, сигурност во скокот и повеќе опции во офанзивата.
Особено впечатлива била неговата сезона 2024/25 во Шентјур, каде бележел просек од 15 поени, 6 скока и 1,8 асистенции по натпревар, со што бил еден од важните играчи на словенечкиот состав.
Со ангажманот на Брунчевиќ, Владимир Мирковски добива искусен и проверен играч под обрачите, кој треба да биде значаен дел од ротацијата на Работнички. Брунчевиќ е трето засилување за тимот од Градски парк по Фатјон Реџа и Дерин Говенс, а во меѓувреме договорите ги продолжија уште Робев, Петровски и Ефремовски.


