Екипата на ТФТ целосно ја смени стратегијата и одлучи во новата сезона да им даде шанса на големите таленти во македонската кошарка.
Откако пред неколку дена го донесе на позајмица најдобриот јуниорски играч од државното првенство Григориј Ѓорѓевиќ, денеска го потпиша неговиот соиграч од У18 репрезентацијата Ѓорѓи Цветковски. Двајцата беа носители на играта на јуниорската селекција која настапи на Б-Европското првенство во Хрватска, а во новата сезона ќе ја организираат играта на тимот од Тафталиџе.
За Цветковски ова ќе биде прва можност да се испроба во Суперлигата имајќи предвид дека претходно настапуваше за Вибас чија јуниорска екипа минатата сезона ја предводеше до финалето во У18 лигата. Токму со Ѓорѓевиќ таму водеше жестока битка, двајцата ја минаа границата од 30 поени, но на крајот се радуваше кошаркарот на Вардар кој беше прогласен и за МВП.
На Европското првенство до 18 години, Цветковски бележеше одлични 17.3 поени во просек, со извонредни 45% реализација за три поени, со што се најде како втор најдобар стрелец на првенството и беше меѓу кандидатите за MVP признанието.


