Иако уште официјално не е член на Суперлигата и треба да го помине лиценцниот систем, Кошаркарскиот клуб Соколи од Штип почна да прави екипа која ќе биде конкурентна во елитната дивизија.
Откако минатата недела го претстави Марјан Србиновски за нов тренер, денеска Соколи го договорија поранешниот репрезентативец на Македонија, Александар Костоски. Штип ќе биде нова станица за 38-годишниот плејмејкер кој вториот дел од минатата сезона го помина во тимот на Работнички, а претходно играше и за ТФТ, Пелистер, Гостивар, Куманово, МЗТ Скопје, Торус, Вардар, како и францускиот Гравелин и романските Брашов и Питешти. Зимоска тој потпиша 18-месечен договор со Работнички, но тој беше спогодбено раскинат пред неколку дена и Костоски можеше без проблем да замине во Соколи.
Кариерата на Костоски трае веќе две децении и досега може да се пофали со една титула во македонското првенство и два Купа на Македонија, а во 2013 година беше прогласен за МВП на завршниот турнир од Купот.
Заедно со Костоски, Соколи денеска го претставија и досегашниот играч на Струмица, Јован Александровски, поранешен младински репрезентативец на Македонија.


